Изложба на фотографии “Прашина на полицата”

20. 04. 2012 / Изложба на фотографии “Прашина на полицата” / Јасна Христовска  / Галерија “Робевци” Охрид.

„Прашина на полицата“ претставува тенденција на авторката за комуникација со традицијата, со традиционалните елементи на оваа земја, народ, историја, особен вид на човеково постоење.. Сето ова станува дел од системот на овие дела,  изразено во различен вид и на различни нивоа во зависност од личното творечко разбирање. Но истовремено, преку ваквото насочување кон традицијата многу јасно е покажан и комплексниот однос кон времето во кое авторката живее и твори, може да се каже и стремеж да се најде одговор на некои од дилемите на современото битисување.

Приказната се пренесува како во театарска претстава, каде фотографијата го регистрира визуелниот аспект на овој специфичен театар. Авторката покажува еден апсолутно креативен пристап, понекогаш како дел од сцената која се одигрува, понекогаш само како сведок на настаните.

Несомнено станува збор за концептуална фотографија, каде суштината веднаш се открива и се врежува во вашите мисли, станувате дел од нејзината приказна преку содржината на фотографијата, надополнето секако и со солидното познавање на овој медиум од технички аспект.

Композициите се стремат кон минималистички ефект, кое во овој вид на фотографија означува фокусирање на еден елемент, симбол преку кој се пренесува целата приказна.

Доста често во концептуалната фотографија се користи и некој софтвер со кој се „додаваат“ елементи, но овде сето она што е потребно за постигнување на целта е пред објективот, во сцената која се одигрува пред нас, во создавањето на уметност преку зачувување на краток миг на светлина од оваа сцена наречена живот.” – дел од критиката на Јане Бакрески.


 

> Најавете се на Facebook_event

Изложбата ќе биде отворена до 03-ти Мај 2012.

Напишете коментар