Изложба “Фацизам / Идентитет”

25. 02. 2012 / Изложба на слики “Фацизам / Идентитет” / Владимир и Гоце Илиевски / Галерија “Робевци” Охрид.

По снеговите и огромно ниските температури, тимот за мултивитАРТизација заедно со своите стручни соработници на темата, повикуваа на интензивен третман.  По тој повод, ГОЦЕ и ВЛАДИМИР ИЛИЕВСКИ од Скопје го препорачаа ДУОВИТ, совршена витаминска спојка од фаци и идентитети создадени со експресивни изрази, карактери и емоции кои делуваат и успешно ги опуштаат подмрзнатите сетила од снегот и мразот.

 “ Фаците, особено оние силните, кај кои повеќето мускули премногу ја измениле својата форма односно место во однос на условно нормалната, мирна состојба, секогаш пренесуваат визуелно помоќна слика. Силните фацијални изрази можат да нѐ натераат да го поставиме прашањето „зошто“-односно „зошто се случува тоа, која е причината која доведува до одреден израз на лицето без разлика дали тој делува позитивно или негативно. Релативно мирниот/ нормален човеков изглед не нѐ доведува до ова прашање. Човекот ги учи уште од најрана возраст, кога почнува да перципира, да имитира изгледи од околината. Фацијалните изрази не секогаш се поттикнати или поврзани со емоции. Тие дури можат и да бидат резултат на некоја активност која човекот решил да ја изврши, па таа е пропратена со необични поместувања на мускулите.  –  Дел од критиката на Владимир, дипл. сликар.

”  Портретот е огледало на човековиот карактер, неговото однесување, неговите реакции на се што се случува околу него во текот на животот. Секој човек е роден со различен лик, но како што човек старее и ликот се обликува, па на него се гледа она кое животот му го донел, и како човекот реагирал на нештата. Голем дел од она како човек изгледа се должи на неговиот начин на размислување. Слично е и со рацете. Иако кај секого се различни уште од раѓањето, сепак тие се обликуваат во текот на животот, и како и портретот, можат да ни кажат многу за личноста. Според нивната структура ние можеме да забележиме некои детаљи за тоа како живеел човекот, со што се занимавал, колку физички бил активен, и на какви услови најчесто бил изложен во работата и животот воопшто. Мислата и тука игра голема улога во изгледот или карактерот на раката, како и  кај портретот. ” –  Дел од критиката на Гоце, дипл. сликар

Напишете коментар