Изложба на фотографии “Невидлива Софија”

21. 01. 2012 / Изложба на фотографии “Невидлива Софија” / Елена Ѓероска и Стефан Маринов / Галерија “Робевци” Охрид.

„Невидлива Софија“ е фотографски проект кој се базира на невидливата убавина која е насекаде околу нас. Тргнувајќи од светот кој нè опкружува, од нашето секојдневие во градот Софија, започнавме една долга прошетка. Се обидовме да го погледнеме одново она што за нас изгледаше толку познато..

Маѓепсани од основните геометриски форми, толку деликатни и прецизни, заслепени од сонцето и големиот контраст, нашата перцепција за надворешниот свет се промени и пред нашите очи почна да се разоткрива еден скриен, невидлив град, кој ни говореше на јазикот на надреалното и апстрактното. Зачудувачки е колку малку е потребно за едно веќе познато нешто да се претвори во ново визуелно возбудливо искуство.

Секоја фотографија од проектот се состои од две фотографии, направени на две различни локации од двајцата автори. Обединивме две гледни точки за две навидум далечни места и тој судир на две реалности создаде една нова реалност, онаа за невидиливиот град. Автори на проектот се Елена Ѓероска од Р. Македонија и Стефан Маринов од Р. Бугарија. Двајцата се студенти по фотографија во Националната академија за театарска и филмска уметност НАТФИЗ во Софија. Обединети од љубовта кон апстрактната црно-бела фотографија, започнуваат да работат на проектот пред повеќе од една година. „Невидлива Софија“ е нивен прв заеднички проект.

„Невидлива Софија“ беше претставена како изложба во Софија во ноември 2011 година, како дел од Sofia Architecture Week, еден од најпрестижните настани сврзани со архитектура и уметност на Балканот, како и во Галерија КИЦ во Скопје.

Во организација на Центарот за културен проток “Артерија”, изложбата во Галерија “Робевци” Охрид ќе биде отворена до крајот на месец Јануари.

Facebook event

1 thoughts on “Изложба на фотографии “Невидлива Софија”

  1. Пингување: „Невидлива Софија“ во галерија „Робевци“ – Охрид | cOoLTuRa.mk

Напишете коментар